Посветено на сите што сакаат нешто различно!

Categories: Events,Вести

9Прага, 28.03.2015
Полумаратон, 12500 учесници.
Старт 12 часот.
Стартен број 4776.
Перо Георгиевски, Македонија.
Пласман: 4087ти од 12500 учесници, а 240ти од 1700 во категорија над 50 години.

Прага, 11:30 часот. Денот облачен, но убав за трчање, па така на себе си реков: „Дедо Боже, јас сум од земјата на сонцето, па да дадеше малку сонце не ќе беше лошо, за да се фалам дека со мене сум го донел од Македонија!“. Се загревам, се истегнувам и го правам се она што инаку го правам пред трка. И да видиш, би чудо! Сонцето полека почна да се појавува низ намуртените облаци над Прага. Се редиме по групи, а јас припаѓам на групата G која е некаде во средината на непрегледната колона од над 12 илјади озарени лица.

12:00 , се е по план, трката почнува. Нашата група доаѓа со три и пол минути задоцнување до стартот. Тргнувам насмеан, го вклучувам саатот, погледнувам нагоре, што би рекол Рацин: „Силно светнал ден!“. Прага се бањаше во сонце. Му се заблагодарив на Дедо Боже за исполнетата желба и се вдадов во сопствената трка за личен рекорд. Нешто под 1 час и 46 минути. Првите пет километри ги поминувам под 25 минути и си велам: Е сега му е мајката! Поминувам низ коридор од илјадници луѓе и деца кои не бодреа и подаваа раце да пукне.  Јас со поглед ги информирав дека брзам. Тие на еден чуден начин ме разбираа и ме бодреа, а нивната енергија искрено ги полнеше моите батерии. А можев да подадам рака, и да пукнеше неколку пати, ама пустата желба беше да истрчам под еден и 46, така да …… Доаѓам до десеттиот километар со време под педесет минути и по сите математики, уште пеесет посто од трката вака и се е готово. Мојата втора желба ќе биде услишена.

Кога, види чудо! Она на што сакав најмалку да размислувам, левото колено почна да праќа опомена и по малку да се кочи. Успорувам и си велам: ова ќе помине, само мала криза заради лошо избраните патики (така ја одбегнував вистината). Болката ме пратеше и во наредниот километар и во еден момент стана сериозна по помислив да се откажам. Но бидна чудо, и на одредена брзинa, помала од онаа која ја посакував коленото се ослободи, но не даваше да трчам побрзо. На петнаесетиот километар со мене трчаше групата со табла за еден и пеесет?! Тогаш ми стана јасно дека од планот нема ништо, но имаше нешто сосема друго.

Почнав да ги поздравувам дечињата со дигнати раце, за да пукне, широко им се насмевнував на луѓето кои ме бодреа, возвраќајки им: “Thank you!”, а попатно ги слушав и бендовите кои свиреа во наша чест.

Уживав во сонцето што го прати Дедо Боже, по моја нарачка, го разгледував градот хедонистички и си реков: Само за тебе и 12499 други учесници во тркава сите улици се затворени. Тоа не може да го направи никој па дури ни човек со најмногу пари и моќ! Во последно време таква привилегија немаат ни кралеви ни цареви. Туку само привилегирани талкачи и тркачи по возбуда за сите убавини што ни ги дал баш тој – Дедо Боже.

1Прага за мене станува уште поубава. Сега ги приметувам сите архитектурни убавини и мостови преку кои трчаме со насмеани лица. А наоколу илјадници што те бодрат да истраеш. Е тоа драги мои ќе можете да го доживеете и почуствувате само ако трчате и никако на поинаков начин.
Погледнувам на саатот и гледам дека трчам како на тренинг, некаде околу 10.2 км/час. Тогаш си реков: Убаво искуство ми прати Дедо Боже, ми ја исполни сабајлешната желба која ја поделив со 12499 тркачи, стотина илјади луѓе кои не бодреа и околу милион и половина граѓани на Прага кои се радуваа на прекрасниот ден. Јас можеби бев нескромен и барав уште. Затоа Боже ќе ми простиш за вторава желба, но и јас сум само еден обичен слуга твој. Ги примив дента сите пораки и совети кои ми ги прати, дека не е само трката, дека не е само времето, дека не се само парите и дека има нешто уште поубаво. Енергијата и пораката испратена од илјадници луѓе во овој прекрасен прашки ден. Стигам на последните 300 метри од целта и слушам аплаузи и извици:„Браво, браво!!!“ Ме понесува атмосферата и забрзувам како на почетокот, под 5 минути километар. Ништо не ме боли, ни коленото ни мускулите. А умот бистар и лицето озарено од насмевка. Му се заблагодарувам на Дедо Боже за искуството што ми го даде и да ми прости за вторава желба. Му заблагодарив и за сето она што ни го даде на сите во Прага, на нас што трчавме и на тие што не бодреа.

Последните 100 метра влегувам во шпринт насмеан. Целта ја поминувам со гордоста на мојата маица на која е испишано МАКЕДОНИЈА и знамето со сонце на неа. Готово е! 1:57:36! Гордо ги кревам рацете, влегувам во целта, воопшто не сум уморен и ништо не ме боли. Слушам глас кој ми довикува на македонски: „Перо одличен беше! Во првата третина си!“. Го здогледувам Саше кој е инаку директор на маркетингот на трката, македонец од глава до петици и човек кој направи да се чувствувам како вистинска тркачка ѕвезда. И јас и оние од Кенија имавме исти третман благодарение на Саше. Во ВИП Хилтон зоната ме чекаа уште две насмеани лица, Елена и сопругата на Саше. Едната ми вели: „Изгледаш како да не си трчал 21 километар!“. Само се насмевнав и решив да ја напишав краткава приказна. Елена тогаш не знаеше за дружбата со дедо Боже и моите желби.