Ни дождот не ги спречи жените да трчаат на Женската трка

Categories: Events,Вести

Денес во Градскиот парк во Скопје се одржа 2-та Женска трка и со тоа се најави Виз Ер Скопскиот Маратон 2014. Повеќе од 300 жени (имапе преку 500 пријавени) учествуваа на овогодинешната трка, која беше дел од светските настани кои се одржаа на 6 април по повод Меѓународниот ден на спортот за развој и мир. Овој ден ќе се одбележува секоја година, започнувајќи од оваа година, од страна на земјите-членки на Обединетите нации и други партнерски организации во чест на важната улога на спортот во општеството, дали преку поттикнување поздрав начин на живот и правејќи го спортот достапен за секого или користејќи го спортот како средство за развој во областите зафатени со конфликт, сиромаштија и нееднаквост. Во знак на поддршка на Меѓународниот ден на спортот за развој и мир сите учеснички денес подигнаа бел лист хартија.

IMG_2441Покрај трката која беше во  должина од 1000 метри, како дел од целата манифестација беа вклучени и аеробик вежби за загревање, како и наградна игра со наградите кои спонзорите ги овозможија за учесниците. Беа доделени околу 200 награди од Виталиа, Горска Вода, Виз Ер, Евроинс Осигурување, Матица, Делта Спорт, Натусана, Космо, Дијагностика Фарма Хео, Септима, БиоКулт, Вау.мк и Студио 24.

“На Женската трка учествував и минатата година, и морам да признаам дека фактот што и оваа година, вторпат по ред се одржува, многу ми се допаѓа. Тоа значи дека жените сакаат да се грижат за своето здравје, но и својата линија, што е многу значајно. Денес и на дождот докажавме дека неопходно е да спортуваме, бидејќи без спорт, со модерниот начин на живот, нема да можеме постојано да бидеме полни со енергија и да работиме со полна пареа. Тоа е една од причините зошто покрај Женската трка, решив да учествувам и на Виз Ер Скопскиот маратон 2014”, ни изјави една од учесничките на Женската трка 2014.

Женската трка 2014 беше организирана од Сојуз на Спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје како дел од трките наменети за промоција на Виз Ер Скопскиот Маратон 2014. На нешто повеќе од еден месец пред одржувањето на најголемиот маратон во Република Македонија, Скопје се подготвува за најмасовниот маратон од сите изминати маратонски трки.