Најава за рушење на рекордите на Скопскиот маратон

Categories: Events,Вести

Пресс 26 април 2013Една од најзначајните спортски манифестации за граѓаните на Скопје, но и на Република Македонија воопшто, Скопски маратон 2013 денес го најави својот старт на денешната прес конференција, на која покрај претседателот на Организациот комитет, Ѓоко Кузмановски, и директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски, говореа и атлетичарите Весна Кираџиева, македонската рекордерка во полумаратон, и Кокан Ајановски полумаратонец со најдобро време во Македонија на оваа патека во последните неколку години.

Оваа манифестација од 2007 година се одржува по повод Денот на Европа. Годинешниот маратон е 9-ти по ред и ќе се одржи на 12 мај. Во него ќе земат учество бројни натпреварувачи од разни возрасти, како и од разни држави. Интернационалниот карактер на маратонот ќе биде манифестиран со натпреварувачи од најмалку 32 земји од светот. Атмосферата веќе се подгрева со најавата на кениските учесници дека ќе го срушат досегашниот рекорд на скопскиот маратон кој изнесува 2 часа 23 минути и 51 секунда поставен во 2011 година од кениецот Диксон Терер.

Маратонот е под покровителство на Градот Скопје, Делегацијата на Европската Унија, како и Агенцијата за млади и спорт. Вкупниот број на досега пријавени натпреварувачи изнесува 2300, а до последниот рок за пријавување кој истекува на 8 мај се очекува бројката да надмине 3600 учесници колку што имало изминатата година.

Како и претходните години, така и оваа, ќе се трча маратон на 42.195 метри, полумаратон на 21.097 метри, хуманитарна трка на 5.000 метри, како и детски Colgate мини маратон на 500 метри. Во склоп на хуманитарната трка ќе се одржи и Тим Билдинг натпревар помеѓу натпреварувачи од разни компании и групи на ученици, за што веќе има голем интерес. На маратонот ќе бидат вклучени и ученици од средните училишта кои што ќе се борат за престижот најдобро пласирано училиште на маратонот. Во рамки на најмладите учесници, она што предизвикува се поголем интересе е Colgate мини маратонот на кој се пријавени 600 учесници. За најдобрите во рамките на трките и оваа година се обезбедени вредни парични награди, како и бројни други награди од спонзорите на Скопскиот маратон 2013. Најдобрите македонски натпреварувачи во маратонската и полумаратонската трка ќе добијат авиобилети од новиот партнер на Скопски маратон, авиокомпанијата Wizz Air.

Оваа година стартните пакети за учесниците ќе се подигаат од двокатен туристички панорамски автобус кој ќе биде лоциран на плоштадот “Македонија“. Целиот настан за прв пат оваа година ќе биде пренесуван во живо и на Македонската Радио Телевизија која што е медиумски покровител на настанот.