Во Градскиот парк во Скопје се одржа првата Женска трка во организација на Сојузот на спортови на Скопје, а како дел од промотивните трки на Скопски Маратон 2013.
Жени од сите возрасти трчаа со апел дека никогаш не е доцна да се започне со рекреативно трчање и вежби за подобро здравје на жената. Жената е столб на семејството, активен чинител во општеството и посветен работник на работното место, но дали си посветува доволно време на себе и своето здравје. Општа констатација на сите жени натпреварувачки во оваа трка е дека – навиките мора да се менуваат и жената мора да си посвети повеќе време на себе и своето здравје, а тоа најдобро се прави со трчање и рекреација.
Живееме во динамично и стресно време, време во кое жените имаат се повеќе обврски, а се помалку време за себе. Тоа носи проблеми и ризици од разни заболувања. Трки од овој карактер постојат насекаде низ светот.Токму Токму затоа, заедно со Сојузот на Спортови на Скопје, а како дел од промотивните трки од Скопскиот Маратон 2013, ја организиравме оваа женска трка со цел светските трендови да ги применимe и кај нас. Оваа трка немаше натпреварувачки карактер и со пораката која ја испратија жените учеснички, сите тие се победници, изјави Кире Синадиновски, директор на Скопски маратон.
По завршетокот на трката се спроведе наградна игра за учесничките каде беа доделени награди од спонзорите по пат на лотарија.
Подржувачи и промотори на трката беа Весна Кираџиева, актуелна рекордерка на Македонија во полумаратон и најдобропласирана македонка на минатогодишниот Скопски маратон, Искра Јовановска, која преку социјалните мрежи ја формираше групата за рекреативно трчање “Трчаме Заедно”, како и пејачката Викторија Лоба, која редовно практикува рекреативното трчање.
На трката учествуваа повеќе од 500 жени од сите возрасти, што е доволен показател дека на Скопје му недостигаат и му се потребни ваков тип на манифестации, од Скопскиот Маратон се надевааат и очекуваат трката да премине во традиција и во следните години.