Тркач на неделата – Зорица Црношија

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

IMG_4184-500

1 Што сте по професија и дали некогаш во животот сте се занимавале со спорт?

По професија сум филмски и телевизиски монтажер, но веќе 16 години работам во маркетинг агенцијата Публицис. Динамична, жива, креативна работа од која многу се учи. Паралелно, се зан

имавам со трчање и вежбање, исклучиво рекреативно, за мој кеф и мое уживање 🙂

2 Кога и како ви дојде идејата да трчате на Виз Ер Скопски маратон? Ве инспирираше некој, која е вашата приказна?

Во 2014 одлучив прв пат да трчам на Виз Ер Скопскиот маратон, мислејќи да се пријавам на трката на 5.000 метри. Најдов на интернет некој 16 неделен програм на припреми и се придржував до таа шема, но со текот на времето, почнав да трчам по 7 или 10 километри три до четири пати неделно. Тогаш веќе немаше смисла да се пријавам на 5 километри, па го зграбив следниот предизвик, а тоа е токму полумаратонот.

3 Кое беше вашето прво учество на Виз Ер Скопски маратон, на која трка и колку време се подготвувавте?

Прв пат трчав на полумаратонот токму таа година 2014, а се подготвував вкупно 8 месеци. Тоа беше убава дружба со самата себе, имајќи одлична цел на повидок, се изнаслушав супер музика и бев во одлично расположение, со супер мотивација и во комплетна, секојдневна еуфорија.

4 Бевте ли задоволна од вашиот резултат, и дали потоа продолживте да трчате?

Секако дека не бев задоволна од својот резултат, стигнав на целта со време од 2 часа и 54 минути, но времето ниту тогаш, ниту сега не игра одлучувачки фактор дали ќе продолжам да трчам, бидејќи мојата цел не е да станам елитен тркач, ниту да освојувам интернационални медали и признанија. Трчам поради себе, за личен кеф и задоволство, трчам за да им покажам на моите деца дека сè во што ќе си го вложиш срцето е остварливо, трчам и поради тимот на Виз Ер Скопскиот маратон, бидејќи сакам да ги поддржам во нивната цел да го направат што помасовен овој најубав спортски настан во Македоонија и затоа сакам да ја негувам таа традиција секој мај да бидам на улиците. А трчам и заради поддршка на спортската култура и здравиот начин на живот, бидејќи сум убедена дека треба да ги пренесувам вредностите во кои верувам и за кои се залагам.

5 Како се подготвувате за предстојниот Виз Ер Скопски маратон и на која трка ќе учествувате?

Се пријавив уште минатата година, со првиот отворен повик за пријавување и повторно ќе го трчам полумаратонот. Јас сум индивидуален тркач, го сакам мирот што ми го носи времето поминато на улица, па не трчам во групи и со друштво. Вообичаено трчам по улици, на тротоар, многу рано наутро или доцна навечер кога моите деца спијат. Трчам прилично споро, слушам музика, се одморам од секојдневнието и нема ништо поубаво од тоа.

6 Кои се вашите планови во иднина во врска со трчањето?

Планирам и натаму да уживам во трчањето.

7 Што би им порачале на оние кои никогаш не трчале или се двоумат дали да почнат да трчаат и да учествуваат на Виз Ер Скопски маратон?

Јас сум мајка на две мали деца, прилично ангажирана во домаќинството, со полно работно време и еден тон попатни „вонучилишни“ активности и обврски. Во тој смисол, ги разбирам и имам комплетна емпатија кон животниот стил на сите мајки што сакаат да држат сè под контрола, притоа не занемарувајќи се себеси и своите потреби. Но, ако јас со овој габарит на обврски можам, можат и тие да станат еден час порано, да истрчаат 2, 3 или 5 километри за половина час или за четириесетина минути, да се вратат дома на туширање и да отидат на работа полни со енергија која никој нема да може да им ја земе до крајот на денот. Трчањето не чини ниту денар, а можат да го практикуваат во оној дел од денот кога имаат време, не врзувајќи се за групни часови и термини. Трчањето и спортот воопшто освен што даваат жар, енергија и ве одржуваат во добра форма физички и ментално, ви го исполнува животот со свежина и радост што ниту едно материјално добро не може да го надомести.

to Top