#ТркачНаНеделата
1 Што сте по професија и дали некогаш во животот сте се занимавале со спорт?
Работам маркертинг и односи со јавност, што е прилично креативна но и стресна работа. Трчањето е спортот на кој сум прилично посветена последниве три години и кој феномелано се вклопува со мојот секојдневен живот, помагајќи ми да се ослободам од вишокот на непотребна енергија но уште повеќе да бидат исполнета и добро расположена.
2 Кога и како ви дојде идејата да трчате на Виз Ер Скопски маратон? Ве инспирираше некој, која е вашата приказна?
На Виз Ер Скопски маратон прв пат трчав пред 3 години, на трката од 5км. Прв залак, но прилично мотивирачки. Бев дел од тим и трчав заедно со моите колеги од работа. Не посветив ниту еден ден на припреми, малку се измачив на трката, но дома се вратив убедена дека е време да си го вратам моето слободно време и да почнам да правам нешто за себе. Искрено, моја мотивација беа моите две ќерки во моментот кога ги видов како ме чекаат на улица со транспарент во раце, воодушевени дека сум дел од трката. Сакам да ги инспирирам моите деца.
3 Кое беше вашето прво учество на Виз Ер Скопски маратон, на која трка и колку време се подготвувавте?
Како што кажав, првото учество ми беше пред три години на 5км трка, но за мене поважно и вистинско искуство на Виз Ер Скопски маратон беше минатата 2016-та година кога прв пат истрчав полумаратон на домашен терен, односно на Виз Ер Скопски маратон. Да, се подготвував многу сериозно и пред Виз Ер Скопски маратон, имав истрчано четири полумаратони и тоа првиот во Виена, па рок’н рол полумаратоните во Лисабон и Мадрид, Поштенскиот во Прилеп и првиот екипен маратон во Софија. Незаборавни искуства! Скопје ми беше голем предизвик, дома тремата е најголема.
4 Бевте ли задоволна од вашиот резултат, и дали потоа продолживте да трчате?
Виз Ер Скопски маратон го истрчав со за мене личен рекорд и освоено 5 место меѓу Македонките, а 14-то во генерален пласман. Со цело срце продолжив да трчам!
5 Како се подготвувате за предстојниот Виз Ер Скопски маратон и на која трка ќе учествувате?
Оваа година на Виз Ер Скопски маратон повторно ќе трчам полумаратон, овој пат како дел од најбројната екипа –тимот на Сеавус. Тренинзите ми се редовни и напорни, но тоа е неминовен дел од овој прекрасен спорт кој бара упорност и истрајност, но враќа многу повеќе од она што може да го замислите.
6 Кои се вашите планови во иднина во врска со трчањето?
Нема тука планови, освен планови за наредни трки. Знам дека трчањето е дел од мојот живот, заедно ќе остариме 🙂
7 Што би им порачале на оние кои никогаш не трчале или се двоумат дали да почнат да трчаат и да учествуваат на Виз Ер Скопски маратон?
Да не се двоумат и да си дозволат да уживаат во трчањето. Не само што се менува телото, туку се менува и духот. Она што е многу важно е дружењето. Преку трчањето запознав прекрасни луѓе кои ми се сега многу добри пријатели. Имаме наша група 091runcrew каде секој е добредојден. Така да сите кои не пробале, еве им прилика да се дружат и да трчаат со нас како припрема за Виз Ер Скопски маратон.