Тркач на неделата – Фросина Цонева Ивановиќ

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

frosina-text

1 Што сте по професија и дали некогаш во животот сте се занимавале со спорт?

Работам како графички дизајнер веќе 13 години. Од пред една година сум freelancer и пофлексибилна сум во однос на термините за трчање. Спортски сум активна периодично, но нема спортска активност која ми го задржала вниманието како трчањето.

2 Кога и како ви дојде идејата да трчате на Виз Ер Скопски маратон? Ве инспирираше некој, која е вашата приказна?

Целата приказна започна сосема случајно. На гости кај пријатели, другарка ми видно ослабена ми вика “Трчам секој ден по 5 км”! А јас тогаш имав вишок 3 кг, толку ми требаше да намалам, ништо повеќе. И почнав. Првото трчање го завршив за 1 минута. Не поминав ни 100 метри и на првиот замор застанав и си отидов дома. Така цела недела секој ден зголемував по 100 до 200 метри. Дома сите среќни, мама ја нема по 2-3 минути, може да трча :). За еден месец стигнав до првите 5 км. Добив совети од неколку места “Направи ја првата десетка и ќе можеш да истрчаш на Скопски полумаратон”. Лудо, што би правела два и пол саати, на што да мислам, како да ги издржам, тотално незамисливо и многу далечно и недостижно. И пробав. Толку беше мачно, од 8-10 км водев борба со себе за следниот ден да си кажам “A зашто да не, ќе пробам!”. Таа десетка ги промени моите и плановите на моите најблиски. На тие 3 кг вишок заборавив, а поддршката од дома стана најгласна.

3 Кое беше вашето прво учество на Виз Ер Скопски маратон, на која трка и колку време се подготвувавте?

Првото учество ми беше во 2014 година, мојот прв полумаратон. Се подготвував 3 месеци. Почнувајќи од 100 метри завршувајќи со 21 километар. Почнав да станувам рано, во 6 часот веќе бев на кеј, го поздравував сонцето, го слушав денот како се буди, се полнев со енергија и почнував да станувам зависна од сите убавини и придобивки од трчањето.

4 Бевте ли задоволна од вашиот резултат, и дали потоа продолживте да трчате?

Резултатот ги надмина моите очекувања. Посакував да не сум последна, туку претпоследна. Многу се плашев да не се сопнам, паднам, добијам грч. За среќа ништо од тоа не ми се случи. Го завршив за 2 часа и 15 минути, побргу од моите очекувања. Не само јас, и моите најблиски се изненадија од мене. Така започна приказната која трае трета година по ред. Многу трки, патувања, полумаратони, дружби, насмевки и раце кренати на целта. Многу падни-стани, повреди, паузи и секојпат од почеток. Нема да престанам да станувам и знам дека еден ден ќе истрчам маратон.

5 Како се подготвувате за предстојниот Виз Ер Скопски маратон и на која трка ќе учествувате?

Од февруари почнав со подготовки, после пауза од 8 месеци. Ќе бидам пејсмејкер на 2 часа со мојот тркачки колега Данчо. Минатата година го направивме истото и тоа е она што сакаме и оваа година да им го дадеме на сите тркачи. Да им помогнеме да го завршат полумаратонот во посакуваното време. Одговорноста и чувството не се опишуваат. На домашен терен убавината не ми е во личниот рекорд, убавината ми е во целото, во атмосферата, во поддршката, во желбата да им помогнеш на другите, во убавата енергија од која ечат скопските улици. Им благодарам на Виз Ер Скопски Маратон за повторно укажаната прилика, се надевам и годинава ќе им направиме незаборавна атмосфера на сите што ќе нè следат.

frosina-text2

6 Кои се вашите планови во иднина во врска со трчањето?

План ми е да можам да трчам и да му се рaдувам на утрото и денот, а трките, прошетките и дружбите ќе си дојдат сами по себе.

7 Што би им порачале на оние кои никогаш не трчале или се двоумат дали да почнат да трчаат и да учествуваат на Виз Ер Скопски маратон?

Пробајте, не се двоумете, дозволете си да се изненадите. Направете го првиот чекор, па вториот, па третиот и останатото само ќе ви се покаже. Кога ќе почнете да трчате, нема враќање, не може а да не го засакате. Верувајте ми!

to Top

[raw]