Тркач на неделата – Душица Андоновска

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

dusica-text

1 Што сте по професија и дали некогаш во животот сте се занимавале со спорт?

По професија сум архитект, кога бев помала тренирав професионално одбојка 8 години но престанав кога се запишав на факултет така што спортот не ми е нешто ново.

2 Кога и како ви дојде идејата да трчате на Виз Ер Скопски маратон? Ве инспирираше некој, која е вашата приказна?

Идејата за Виз Ер Скопски Маратон ја добив прв пат во 2014та година. Познавав луѓе што тогаш трчаа и сосема случајно решив да пробам. По природа сум личност што сака предизвици, особено кога некој ќе ми каже дека нема да успеам па за кратко веќе бев пријавена. Како почнав да се спремам сфатив дека трчањето тотално ме релаксира, ставаш слушалки, сама си со себе, не мислиш на ништо. Кога трчаш наутро пред работа во 5:30 – 6:00 часот кога Скопје спие и е празно, едноставно уживаш. Луѓето мислат дека трчањето полумаратон е физичка дисциплина, но за мене повеќе е психичка. Помалку или повеќе му правите напор на телото, но го одмарате умот.

3 Кое беше вашето прво учество на Виз Ер Скопски маратон, на која трка и колку време се подготвувавте?

Прв пат учествував 2014та година на 21 км. Како што спомнав, по природа сум личност што прифаќа предизвици и сакав да трчам на 21км. Се подготвував неполни 2 месеци, што е релативно кратко за подготовка за полумаратон. Имав огромна помош од нашите национални шампиони, Александар и Весна Кираџиеви. Сметам дека е важно за луѓе што трчаат, особено прв пат, да има кој да ги насочи и советува. Јас без нив немаше да успеам.

4 Бевте ли задоволна од вашиот резултат, и дали потоа продолживте да трчате?

Не бев задоволна, јас бев спортист и имам борбен дух па целта ми беше да истрчам под 2 часа, а истрчав за 2 часа и 6 мин. Од денешна перспектива сфаќам дека не сум била реална и со оглед на тоа дека не знаев во што се впуштам имам како да се оправдам. 🙂
На перформансот во текот на трката влијаат многу фактори што не ги планира никој додека се подготвува, така е лесно човек да ги утне прогнозите. 🙂

5 Како се подготвувате за предстојниот Виз Ер Скопски маратон и на која трка ќе учествувате?

Оваа ќе ми биде 4 та година по ред да се спремам и некако најлабаво ја прифатив од сите. Кондиција повеќе одржувам со вежбање, уште се немам пријавено, не би мислела многу на резултатот, така да ќе ми биде само уживање. Во план ми е трката од 21 км, а за 42 км сѐ уште не сум спремна.

6 Кои се вашите планови во иднина во врска со трчањето?

Мислам дека колку човек е постар толку повеќе го сака трчањето. Како поминува времето, животот станува се побрз, со повеќе обврски и помалку слободно време за себе. Убедена сум дека кога ќе почне човек да трча, ќе трча постојано. Мене лично трчањето ме опушта, не трчам во група, индивидуален тркач сум, тој саат е само за мене и не го делам со никој. Така ќе остане и во иднина.

7 Што би им порачале на оние кои никогаш не трчале или се двоумат дали да почнат да трчаат и да учествуваат на Виз Ер Скопски маратон?

На сите им препорачувам да се пријават барем на трката од 5 км. Ќе си поставите цел, ќе уживате во моментот, ќе си го одморите умот. Доаѓа лето и плажа, ќе влезете во форма, без диети и притисоци, и ќе го зацврстите карактерот. Ќе се борите со сопственото тело и ќе победите. Психичкиот момент ќе ви помогне на секое поле понатаму во животот. Не си наоѓајте изговори дека немате време кога ќе станете наутро и ќе успеете. Кога прв пат ќе истрчате 21 км ќе добиете впечаток дека доколку сѐ решите сè може да остварите. Верувајте, чувството е прекрасно. Светот е ваш! Уживајте во патувањето!

to Top

[raw]