Тркач на неделата – Давор Пехчевски

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

davor-tekst

1 Што сте по професија и дали некогаш во животот сте се занимавале со спорт?

По професија сум индустриски дизајнер, но моментално сум вработен во проектантско-градежна компанија. Неколку пати поактивно сум се занимавал со тимски спортови и боречки вештини, но тоа никогаш не било на професионално или натпреварувачко ниво.

2 Кога и како ви дојде идејата да трчате на Виз Ер Скопски маратон? Ве инспирираше некој, која е вашата приказна?

Пред околу три и пол години бев дијагностициран со Хоџкин Лимфома, тип канцер на крвта. Додека се лекував паралелно барав информации за што можам дополнително да направам за да си го подобрам психо-физичкото здравје. По кратко истражување наидов на многу информации дека физичката активност има многу позитивно влијание кај канцер пациентите. Воедно, многу инспиративни приказни од преживеани од канцер најчесто беа поврзани со спортови на издржливост: трчање, велосипедизам, пливање и други.
Иако голем дел од животот го поминав на велосипед, барајќи нов предизвик некако трчањето се наметна како избор баш за тоа што сакам да пробам да го правам.
Пет месеци однапред  се пријавив за Виз Ер Скопски Маратон 2014, за трката на 5 километри. Тоа ми даде дополнителна мотивација за успешно да го завршам лекувањето и ми постави блиска и опиплива цел за тоа што сакам да го правам во иднина. Трчањето многу ми помогна полесно да се справам со напорниот процес на лекување.

3 Кое беше вашето прво учество на Виз Ер Скопски маратон, на која трка и колку време се подготвувавте?

Како што кажав, првото учевство ми беше на Виз Ер Скопски Маратон 2014 на трката на 5 километри. Подготовките ми беа релативно кратки. Со хемотерапијата завршив на 3-ти март, а потоа следеа уште две три недели одмор и опоравување. Почнав со трчање некаде при крајот на март, што ми даде околу месец и половина за подготовки. Со оглед на тоа дека почнував буквално од нула, тоа е многу кратко време.

4 Бевте ли задоволна од вашиот резултат, и дали потоа продолживте да трчате?

Во дадената ситуација резултатот ми беше најмалку важен. Но, бев многу среќен што успешно ја завршив трката и тоа ми беше доволна мотивација да продолжам со трчање. Во изминативе три години редовно се пријавував на трките од 5 километри на Виз Ер Скопски Маратон, но завршив и неколку подолги, пред сѐ планински трки, од 10, 16 и 31 километар.

5 Како се подготвувате за предстојниот Виз Ер Скопски маратон и на која трка ќе учествувате?

Оваа година одлучив конечно да се пријавам за подолга трка и на Виз Ер Скопски Маратон, па така сега се подготвувам за учество на полумаратонската трка од 21 километар. Подготовките ги започнав некаде во средината на јануари и сега за сега тие се состојат од неколку полесни трчања неделно и континуирано зголемување на истрчаните километри. Со оглед на тоа дека целта ми е пред се да ја завршам трката, немам конкретен и структуиран тренинг план. Сепак во наредниов период ќе почнам и со посериозни подготовки и тренинзи.

6 Кои се вашите планови во иднина во врска со трчањето?

За поблиската иднина имам две големи желби: би сакал да завршам една трка со препреки и еден ултра-маратон. Зависно од тоа како ќе се одвиваат работите, можно е и двете да ми се остварат оваа година. Сѐ уште сум во фаза на размислување, но има големи шанси да одам на трката со препреки „The Maze“ во соседна Србија. Ултра-маратонот би сакал да биде на Крали Марко Треилс во Прилеп затоа што таму прв пат се заљубив во планинското трчање. Но, тоа е голем залак и оставам времето да покаже дали ќе можам да се подготвам за него.

7 Што би им порачале на оние кои никогаш не трчале или се двоумат дали да почнат да трчаат и да учествуваат на Виз Ер Скопски маратон?

Самиот не очекував дека трчањето може толку многу да ми го смени животот. Не очекувам сите да се пронајдат во него како јас, но топло им препорачувам да пробаат. Верувам дека дури и за краткиов период до Виз Ер Скопски Маратон ќе почувствуваат многу придобивки. Доколку некој има проблем да се само-мотивира, веќе има и многу неформални тркачки групи со многу прекрасни луѓе кои се секогаш расположени да насочуваат и помагаат.

to Top