Тркач на неделата – Александар Чекоров

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

cekorov-text

1 Што сте по професија и дали некогаш во животот сте се занимавале со спорт?

По професија сум електротехнички инженер. Да, сум се занимавал со повеќе спортови меѓу кои одбојка, пинг понг, тенис, а кои и ден денес рекреативно ги практикувам, но најдолго се занимавам со маратонско трчање.

2 Кога и како ви дојде идејата да трчате на Виз Ер Скопски маратон? Ве инспирираше некој, која е вашата приказна?

Секогаш кога имам можност учествувам на Скопски маратон. Тоа е прекрасен настан во Скопје и Македонија, има одлична организација и атмосфера. Енергијата сама по себе на настанот ме инспирира секојпат да земам учеството. Заедно со колегите од работа (Македонски Телеком) имаме голем тим во кој се мотивираме да учествуваме и постигнеме што подобри резултати.

3 Кое беше вашето прво учество на Виз Ер Скопски маратон, на која трка и колку време се подготвувавте?

На Скопскиот маратон учествував уште од неговото востановување, од 1997 година. Го трчав целиот маратон – 42,2км. Се подготвував неколку месеци наназад. Во тој период со маратонското трчање започнав уште во 1994 година кога започнав да вежбам јога и техники на медитација на срцето на Шри Чинмој (мировник, спортист, композитор и учител по медитација) и се многу убаво ми се склопи со трчањето. Инспирација за маратонскот трчање ми беа пријатели кои во тоа време веќе трчаа маратони.

4 Бевте ли задоволна од вашиот резултат, и дали потоа продолживте да трчате?

Секој истрчан маратон е подвиг сам за себе а посебно ако ја постигнете целта и планираното време. Да, лично бев задоволен од мојот резултат со оглед на временските услови (имаше сонце, врнеше дожд а пота и снег) се сменија сите временски услови . Да, и до ден денес активно се занимавам со маратонското трчање.

5 Како се подготвувате за предстојниот Виз Ер Скопски маратон и на која трка ќе учествувате?

На следниот Виз Ер Скопски маратон ќе трчам на полумаратонската трка (21.1км). Моите подготовки се состојат во различни тренинзи, како трчање на поголеми должини така и спринтови кои служат за добивање како на издржливост така и на брзина.

6 Кои се вашите планови во иднина во врска со трчањето?

Засега ќе бидам фокусиран на маратонското трчање. Можеби еден ден пак ќе се навратам на ултрамаратонското трчање кое ми е еден од најголемите предизвици и исполнување.

7 Што би им порачале на оние кои никогаш не трчале или се двоумат дали да почнат да трчаат и да учествуваат на Виз Ер Скопски маратон?

За мене трчањето е радост, себе – надминување и себе – исполнување, дружење, запознавање на слични на себе луѓе. Би ги охрабрил сите кои досега не започнале да трчаат, наскоро да почнат. На крај самите ќе почувствуваат колкава убавина и исполнување лежи во трчањето. Верувам дека секој може (без големи подготовки) да истрча 5км, така да барем да започнат со учество на трката на 5км, а потоа сè само ќе си дојде и еден ден ќе го завршат и маратонот (42.2км).

to Top