Тркач на неделата – Славица Дамјанска

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

slavica-text

1 Што сте по професија и дали некогаш во животот сте се занимавале со спорт?

Јас сум дипломиран професор по англиски јазик и книжевност и работам во меѓународна консултантска фирма во оддел за обуки и развој.
На 7 годишна возраст започнав професионално да се занимавам со пливање. По многу испливани километри, најголемиот успех го постигнав кога на 12 годишна возраст го пливав маратонот Пештани – Охрид, во должина од 15 км. Своевремено тоа беше рекорд на патеката со време од 2:55:36. Играв и ракомет ама таа приказна кратко траеше.

2 Кога и како ви дојде идејата да трчате на Виз Ер Скопски маратон? Ве инспирираше некој, која е вашата приказна?

Мојата работа налага често патување во странство. Една колешка од Унгарија, при секоја наша службена средба, стануваше рано наутро, трчаше, па денот го продолжуваше со работни обврски. Не знам како и од каде, после едно наше заедничко патување во 2012 година бев во една спортска продавница, побарав патики за трчање (и тогаш прв пат видов како изгледаат специјализирани патики за овој спорт), следниот ден излегов да ги пробам, истрчав 2 или 3 км и од тогаш не престанав да трчам. Се роди некоја чудна врска, љубов на прв поглед која сè уште трае. Потоа на пријателката јас и бев инспирација да го истрча својот прв полумаратон во Будимпешта во 2016 година.

3 Кое беше вашето прво учество на Виз Ер Скопски маратон, на која трка и колку време се подготвувавте?

Никогаш немав желба за трчање. Никогаш не помислував дека од забава и љубов во 2011 и 2012 година ќе учествувам на 5 км трката на Скопски маратон. Во 2013 година го истрчав својот прв полумаратон. Тогаш не знаев дека постојат различни групи на луѓе кои се вљубени во трчањето. Тренирав сама, кога имав време, колку што ме држеа нозете, без никаков план, без мерење на брзина, без мобилни апликации, сама на кејот, со слушалки за музика.

4 Бевте ли задоволна од вашиот резултат, и дали потоа продолживте да трчате?

Тогаш немав претстава дали резултатот беше добар или не. Од денешна перспектива бил одличен. 
Од тогаш до денес имам истрчано 15 официјални полумаратони (во Македонија и странство), патека на 15 км, 31 км, неколку пократки трки и во 2016 година за прв пат учествував на маратонот на Виз Ер Скопскиот маратон. Малку фалеше да не трчам маратон. Не можам а да не ја спомнам Ивана Герчаковска (Грче) која најмногу веруваше во мене. После еден тренинг, за кој се спремавме за полумаратонот, ми се јави и ми рече “Знам дека си подготвена, во гласот ти се чувствува дека сакаш да трчаш маратон. Можеш!”. И така беше. Грче и Александар Смилков (Смиле) за време на сите 42.195 метри беа покрај мене. Тие веќе имаа истрчано неколку маратони и беа мојата најголема поддршка! Трчавме рамо до рамо 5 незаборавни часа. Некои велат дека било премногу жешко. Јас не памтам ништо, освен дека бев преполна со позитивна енергија и адреналин и дека уживав до бескрај.

Финишот беше нешто посебно. Целта ја поминавме заедно, целата екипа пријатели – тркачи кои заедно трчаме и се дружиме веќе неколку години. Викавме сите на цел глас и го славевме себе – надминувањето. Незаборавни моменти! Плачев како мало дете со солзи радосници на самиот финишот.

5 Како се подготвувате за предстојниот Виз Ер Скопски маратон и на која трка ќе учествувате?

Еднаш маратонец, засекогаш маратонец!  Оваа година ќе трчам маратон. Сама, без моите “соборци” од минатата година. Голем предизвик, бара добра ментална и физичка подготвеност.

6 Оваа година решивте со Вашето учество да се вклучите во хуманитарна акција. Што можете да нѝ кажете за Гоце и како може да му се помогне?

Минатата година, за мојот прв маратон, бев вклучена во хуманитарна акција за собирање средства за Глобална кампања за собирање на 1 милион долари за светски центар за истражување за пронаоѓање лек за рак до 2020 година.
Оваа година сакам да трчам во чест на Гоце Марковски. Прекрасно 13 годишно момче од Битола, професионален спортист, пливач, кој боледува од тумор на мозок. За неговата состојба е потребно понатамошно лекување во Германија. Водена од желбата Гоце да има безгрижно детство и среќен живот се обидувам што повеќе луѓе да слушнат за него преку споделување на донациски броеви преку нашите мобилни оператори, хуманитарна акција на самиот ден на одржување на Виз Ер Скопски маратон преку продажба на различни предмети, се отвори и онлајн линк за донирање на средства преку интернет плаќање. Никој не заслужува да го живее животот на овој начин и со мала поддршка од секој можеме да го направиме светот и животот на Гоце малку подобар. Подетално може сите да се запознаат преку http://www.donacii.mk/humanitarni-nastani/trchame-i-donirame-za-goce-markovski/

7 Што би им порачале на оние кои никогаш не трчале или се двоумат дали да почнат да трчаат и да учествуваат на Виз Ер Скопски маратон?

Трчањето ви отвара нови хоризонти, можност за запознавање на нови и искрени пријатели за цел живот.
Трчањето може да ви го промени животот само на подобро.
Ме радува фактот што ми велат дека сум инспирирала многу луѓе да почнат да трчаат. Обидете се и вие да бидете нечија инспирација. Чувството е прекрасно!

to Top