Тркач на неделата – Антонија Брезовска

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

Aнтонија (Тина) Брезовска. Мајка на седум гoдишен син Марио, сопруга и сопственик на франшизната продавница на брендот Dogo, е и дел од рекреативната тркачка дружина 091 RUNCrW.

Често пати Ве гледаме на кејот, па дури и на базен. Ве видовме дека успешно го истрчавте и Водно-Матка треил маратонот, а веќе сте во подготовка и за Виз Ер Скопски маратон… Како успевате да балансирате помеѓу сите овие секојдневни обврски?

Тие што имаат повеќе од едно дете, сигурно повеќе знаат за балансот на обврските. Нашиот син е член на триатлонски клуб, па решивме покрај него и нашето слободно време да го организираме, односно поминеме со точак, трчање или пливање. Навистина не е чувство на обрска, туку големо задоволство кога цела фамилија е вклучена во спортот.

Колку е потребно за една девојка/жена да се подготви за предизвик како една трка на полу/маратон? Вие не сте професионалка, а со поактивно трчање почнавте да се занимавате на 33 години. Уште еден доказ дека никогаш не е предоцна да се остварат некои цели во животот…

Јас сум жив доказ дека никогаш не е доцна ама баш за ништо, хахха.  Моето лично искуство е дека ако не пробаш , никогаш нема да се случи чудото што го бараш 😉 . Трчањето како предизвик се случи на 33, уште подоцна промена на кариерата, потоа некои здравствени предизвици… нема откажување. Само себенадминување. И работа. Денес си истрчал 5км, утре 8км… и додека се свртиш, ете го трчаш Виз Ер Скопски маратон со дружината живот што значи J

091RUNCrW дружината (именувана според стариот повикувачки број за Скопје) од која сте активен дел е една од најгласните и најпозитивните за време на Виз Ер Скопски маратон, како помеѓу учесниците на самата патека, така и покрај патеката, како публика. Опишете ни го накратко тоа доживување на Виз Ер Скопски маратон преку вашето искуство, чувството пред стартот, еуфорија, текот на трката, подршка на патека и покрај патеката, публика…

Ние сме трчачко друштво кое пркоси на ноншалантноста и здодевноста. 091RUNCrW не е атлетски клуб, ние сме повозрасни трчачи сплотени со цел да делиме љубов, страст и поддршка за луѓето кои уживаат во трчање. Нашата цел не е да бркаме некое време или темпо како поединец, туку да делиме љубов ,пријателство и почит како дружина. Дружењето после секое заедничко трчање е наш животен стил, па затоа се препознаваме со хаштазите #run#party#repeat. 091 е секој кој со душа на Виз Ер Скопски маратон држи транспарент, ракоплеска, трча со звучник и музика до даска, фрла конфети, пејса друг трчач да направи личен рекорд…

Што би ги советувале момците и девојките кои допрва почнуваат да се занимаваат со трчање и кои можеби годинава прв пат ќе се пробаат на (полу)маратон, од ваше искуство, на што да внимаваат, кои погрешки да ги избегнат со кои можеби вие сте се соочиле?

Трчањето е уживање! Не го заборавајте тоа. Да, долго време сте го орале кејот за да застанете на стартната линија и тој ден е Ваш ден. Публиката и трчачите околу вас ќе се погрижат за адреналинот. Ваше е неделата претходно да испиете доволно течности, да се изнајадете ориз, компир и др јаглехидрати и на Д-денот да тргнете. Слушајте си го своето тело. Ако не oвој, има следен маратон. Нашата дружина секогаш има потреба од човек плус за ракоплескање и фрлање конфети. Запамтете дека Виз Ер Скопски маратон е ЗАБАВА. Ако не се забавуваш додека трчаш, забавувај се додека бодриш! #аконетрчашнавиваш  важно е да си дел од Скопски 2018, незабравен настан што се случува само еднаш во годината.

Тина, ова е доста интересен, динамичен период за жените во светски рамки. Сѐ погласно се дискутира за сеуште мала засапеност на жените на работни функции во сите општествени структури, помали можности за еднакво образование, актуелни се движењата како Time’s Up и #MeToo на социјалните мрежи. Скопски маратон излезе со мала статистика за застапеност на Македонките на маратонската дисциплина низ годините и не се завидни. Што мислиш, на што се должи ова? Дали сеуште жената во нашето општество е повеќе “домаќинка“ отколку активен двигател на општествените движења?

За жал морам да се согласам. Далеку сме и од прашањето за полова дискриминација, камо ли за сексуална злоупотреба. Но, од друга страна моето чувство е дека се случува некоја тивка револуција на ова поднебје. Помладите жени од мене и тоа како знаат што сакаат и пркосат на неправдите, злоупотребата и нееднаквоста. Еманципацијата мора да расте, но се надевам во меѓувреме дека ќе расте и успехот на неформалните женски движења кај нас.

Совет за мажите во поддршка на жените за да ги мотивираат да трчаат и учествуваат и во маратонската трка. Колку е важно тоа? Колку е важно ние жените да се поддржуваме повеќе?

Ах, ние жените сме секогаш поврзани и здружени по линија на природата. Посакувам да има доволно отворени мажи да ги мотивираат своите љубени да се најдат во овој спорт. Бенефитот е обостран. Она што го прави трчањето за жената како индивидуа, се рефлектира на целата фамилија и партнерскиот однос. Докажано! (Хахаха)

Интервјуира: Весна Кираџиева