Тркач на неделата – Катерина Шиповиќ

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

Катерина Шиповиќ. Мајка на безмалку двегодишниот син Лео, сопруга, вработена во компанија за меѓународен транспорт и логистика, трето пласирана на минатогодишниот Виз Eр Скопски маратон.

Како успеваш да балансираш помеѓу сите овие секојдневни обврски? Многу брзо се врати на трчањето. Мајчинството е особено напорно, особено во првите години, кога се бебиња и им треба постојана грижа. Колку е важна улогата на Вашиот сопруг и целото семејство?

Всушност, јас имав многу мала пауза во трчањето, само 1,5 месец од моментот кога се роди Леонид. Цела моја бременост трчањето беше дел од моето секојдневие и причина за лесна бременост во која го уживав секој момент, до последниот ден.

Како што спомна, едно мало човече кое е преполно енергија и кое очекува, а и најважно од се ми е да бидам дел од сите негови нови искуства, потоа секојдневните домашни обврски и полното работно време одземаат голем дел од мојата енергија. Меѓу другото, постојат луѓе кои ми се мили и со кои сакам да споделам дел од моето секојдневие. Сите овие работи ме принудуваат поголемиот дел од тренинзите да ги правам во раните утрински часови пред да започнам со работните обврски или пак во доцните вечерни часови, односно попладне кога Лео спие. Половина дел од денот поминувам на работа, па сите оние моменти кои можам да ги поминам со синот во втората половина, се трудам да ги искористам.

Тешко е, но доколку нешто што правиме нѐ исполнува и е нешто што навистина сакаме, можно е сѐ да се постигне. Трчањето е време за мене, трчањето е начин со кој ја ослободувам негативната енергија, трчањето е време во кое си ги разбиструвам мислите.

Се разбира дека е многу е важно семејството да стои зад нас за било што. Пред се, без големата поддршка, поттик и помош на секое поле од  сопругот секако сето ова нема да биде можно.  Често имаме и заеднички тренинзи, или пак трки на кои двајцата учествуваме, особено за време на викенд. Тогаш настапуваат нашите родители, тие го чуваат Лео, па морам да кажам дека и тие ни се голема помош. И не само за Лео, навистина многу значи и нивната поддршка.

Колку е потребно за една девојка/жена да се подготви за маратон? Со трчање и подготовка за маратон почнавте да се занимавате на 24 години и покажувте одлични резултати. Уште еден доказ дека никогаш не е предоцна да се остварат некои цели во животот…

Започнав да трчам отприлика на 19-20 год. Искрено не се сеќавам точно бидејќи тогаш трчањето ми беше начин на одржување во форма, симнување на килограми и сл. Тогаш не знаев ништо за македонската атлетика, ниту пак помислував дека некогаш ќе трчам на некоја трка. Дури гледав да трчам во период кога мислев дека нема да ме види некој познат, некако се срамев :). Потоа еден период од две-три години тренирав активно во теретана, па повторно и посериозно почнав да трчам на 23 год.

На 24 години во април, 2015 год. се пријавив на првиот полумаратон, воедно и моја прва трка воопшто. Тоа беше трката “Трчаме кон целта” каде истрчав за 1:51 мин. Не познавав никого, дојдов, истрчав и веднаш штом ја поминав целта си заминав. По неколку дена на социјалните мрежи прочитав дека ме бараат за да си ја подигнам наградата – сум завршила 5-та, а на трката имаше награда за девојки до 5-то место. Тоа ме поттикна да станам поактивна. Во меѓувреме имав уште неколку трки и во ноември истата година го истрчав и мојот прв маратон на “Првиот Поштенски Маратон” во Прилеп. Таму завршив 3-та и тоа беше едно прекрасно искуство за мене. Искуството кога за прв пат ги истрчав тие 42 км, сите чувства кои ги имав додека трчав, сите мисли кои ми се вртеа во глава… тоа е нешто што се доживува само на маратон. Тоа беше трката на која сфатив дека долгите дистанци се дисциплини во кои се пронаоѓам. Значи, немав некој план и посебна подготовка за тој маратон ниту посериозни тренинзи. Едноставно уживав во трчањето и  трчав отприлика 4 пати во неделата, со темпо и должина кои ми одговараа во моментот кога трчав.

Во 2017 првпат трчавте маратон на Виз ер Скоспки маратон и се пласиравте на високото трето место во конкуренција меѓу Македонките и тоа со одличен резултат од 3ч30мин. Колку беше потребно жртвување за да се стигне до овој резултат и пласман? Како Ви се одвиваа тренинзите во однос на неделни тренинзи и километража?

По раѓањето на мојот син и враќањето во форма добив желба да ги истрчам сите трки на кои не бев во можност да трчам во мојата бременост, од трки на 5 км, до треил трки со  ултра маратонски дистанци. Почнав да правам и посериозни тренинзи, а како прва цел ми беше “Скопски Маратон”. Многу големо влијание на мојот успех има Кокан Ајановски, човекот кој ми даде храброст и сигурност трчањето да стане посериозен дел од мојот начин на живот. Со мојата упорност и  неговите тренинзи успеав Скопскиот маратон да го истрчам во време кон кое целев и за кое тренирав. А и со планот на мојот сопруг за текот на трката, кој можеби повеќе од мене ги знае моите можности :). Тоа беше период кога се уште бев на породилно боледување, па имав малку повеќе време да се посветам на тренинзите. Имав 5 тренинзи во неделата кои во главно содржеа различни типови на интервали, прогресија, а за викенд должини.

Што би ги советувале момците и девојките кои допрва почнуваа да се занимаваат со трчање и кои можеби годинава прв пат ќе се пробаат на (полу)маратон, од Ваше искуство, на што да внимаваат, кои грешки да ги избегнат?

Секогаш велам дека треба да си ги слушаат срцата, кога чувствуваат дека им се трча – нека трчаат, без разлика колку е часот или на временска прогноза. Да не се плашат или срамат да се појават на трка, да не размислуваат за колку време ќе ја завршат трката и дали воопшто ќе ја завршат. Едноставно нека уживаат, во атмосферата, меѓу останатите тркачи, меѓу публиката (која за жал е многу мала во нашава земја, но вреди да поминеш и покрај еден човек кој ќе ти ракоплеска и ќе ти каже “браво”). Останатото, на пр. начинот на исхрана и тренинзи ќе си дојде само по себе, со тек на време.

Катерина, ова прашање им го поставувам на сите соговорнички. Живееме во доста интересен, динамичен период за жените во светски рамки. Сѐ погласно се дискутира за сеуште мала засапеност на жените на работни функции во сите општествени структуру, помали можности за еднакво образовани, актуелни се движењата како Time’s Up и #MeToo на социјалните мрежи. Скопски маратон излезе со мала статистика за застапеност на Македонките на маратонската дисциплина низ годините и не се завидни. Што мислиш, на што се должи ова? Дали сеуште жената во нашето општество е повеќе “домаќинка“ отколку активен двигател на општествените движења?

За жал, точно е дека живееме во општество со сфаќања дека некои места едноставно не се за жена, уште пострашно – дека некои работи се нормални, па треба да се претрпат дури и премолчат. Уште по жалосно и по страшно е дека голем дел од ваквите сфаќања во нашава мила земјичка произлегуваат од жени…

Сепак, како насекаде во светот, така и кај нас нештата се менуваат, можеби полека но сепак стануваме посвесни – и жените и мажите. Конкретно, кога е спортот во прашање, процентот на жени од различни возрасти кои се активни во било кој спорт од година во година се зголемува па сметам дека има надеж, одиме напред. Особено ми се допаѓа што во последно време многу жени во средовечна возраст започнуваат со некој спорт, иако претходно воопшто не биле спортски активни.

Совет за мажите во поддршка на жените за да ги мотивираат да трчаат и учествуваат и во маратонската трка. Колку е важно тоа? Колку е важно ние жените да се поддржуваме повеќе?

Важна е меѓусебната поддршка, без разлика дали од мажи или жени, без разлика дали од нашиот партнер-ка, брат, сестра, родители, пријатели, или пак од некои сосема непознати кои исто така  трчаат и  со кои се разминуваме на патеката. Ние знаеме што значи да се истрча  маратон, што значи да се истрча било која трка, од трка на 100 м, па се до ултра маратонска. Па кога веќе разбираме, редно е и да се поддржуваме и да си помагаме.

Интервјуира: Весна Кираџиева