Тркач на неделата – Тања Велјановска-Савеска

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

Тања Велјановска-Савеска – атлетичарка, поранешна репрезентативка и рекордерка во маратон (3:14.27 на Подгорички Маратон 2011 година), вегетаријанка, фармацевтка, сопруга.

Како успеваш да балансираш помеѓу сите овие секојдневни обврски? Колку е тешко во денешно време да се најде време за сите активности и за себе? Колку е важна улогата на вашиот сопруг и целото семејство?

Поддршката од семејството и/или брачниот другар за секоја активност во животот е важна, но во недостиг на време и енергија (кои мораат да се вложат во професијата и домашните обврски) поддршката е пресудна.

Ако одиме хронолошки, од моите атлетски почетоци од 2004 година, па се до пред неколку години, не можам да се пофалам со некоја поголема поддршка од моите родители, па мојот успех – пред се поставувањето на тогашниот државен рекорд во маратон (2011 година), како и тоа што бев дел од aтлетската репрезентација на Македонија, се резултат на мојата мотивираност и упорност. Но, за да се покаже колку животот е превртлив, мора да спомнам дека во 2016 година моите родители на Скопски Маратон 2016, го истрчаа својот прв полумаратон. J Оваа година тие, зедно со мојот брат и сопруг повторно ќе се впуштат во полумаратонската авантура на Виз Ер Скопски маратон.
По моето вработување, а потоа и по стапувањето во брак, ги немав веќе луксузите време и енергија, па да можам да „рушам и ѕид“ со мојата мотивираност и упорност. Но, за моја среќа имам сопруг, кој освен што ме поддржува во моите подвизи, еднаш до два пати неделно ми се приклучува кон тренинзите, а во последнава година и во трките, но активно учествува и во домашните обврски, па и тој товар е полесен.

Со Виз Ер Скопски маратон сте уште од 2009 година и безмалку секоја година трчате на цел маратон –  42,195 км. Што е она што Ве враќа секоја година повторно да ја истрчате најтешката делница?

Не сакам да звучам потценувачки кон другите атлетски дисциплини, зашто секоја дисциплина си има своја тежина и го знам тоа од лично искуство со оглед на тоа што сум трчала трки од 800 м на стаза, па се до планински ултрамаратон, но единствена дисциплина, што ме остава во целосна неизвесност до последен метар, е маратонот.
Токму таа неизвесност, дали воопшто ќе се истрча самата трка и каков ќе биде исходот од истата, е тоа што ме предизивикува, повторно и повторно да се појавам на стартната линија.

Опишете ни го накратко доживувањето на трката на Скопски маратон преку вашето искуство, подготовки, чувството пред стартот, еуфорија, текот на трката, поддршка на патека и покрај патеката, од публика…

Скопски маратон 2009 година, е мој прв истрчан маратон и тој секогаш ќе ми биде трка од избор. Најпрво, тоа е настан што ниту еден тркач од Македонија не го пропушта, па имам можност во еден ден, да ги видам сите драги тркачи на едно место – во зоната за загревање, на стартната линија или на самата патека. Последниве години, значителено се зголеми бројот на публиката, како и креативноста на истата, па со нивните креативни идеи не забавуваат, а со навивањето не подржуваат во нашиот подвиг и во надминувањето на тешките мигови.
Виз Ер Скопски маратон за тркачите е настан на годината, а за публиката е фестивал на градот. Јас би се опишала повеќе како интровертна личност, па вообичаено не ни поканувам пријатели да ме бодрат, но тие сепак, секоја година се присутни покрај патеката, неуморно бодрејќи ме мене и остантите учесници и индиректно преку нас – тркачите, се чувствуваат како дел од овој возбудлив настан.

Што би ги советувале момците и девојките кои допрва почнуваа да се занимаваат со трчање и кои можеби годинава прв пат ќе се пробаат на (полу)маратон, од ваше искуство, на што да внимаваат, кои грешки да ги избегнат?

Во однос на тренинзите, советот ми е умереност, редовност и упорност, проследено со здрава исхрана и доволно сон.
На денот на самата трка, без разлика што ќе изберат (според нивните можности), е лесен оброк 2-3 часа пред стартот на трката и користење на сите освежителни станици со по 2-3 голтки вода (со оглед на тоа дека времето на Скопски маратон скоро секоја година е прилично топло).
Она на што исто така треба да обрнат внимание се патиките и облеката – тие треба да им се удобни и веќе испробани на тренинг.
Најчеста грешка што се случува, а која треба да се потрудат да ја избегнат е пребрзиот старт. На сите искусни тркачи веќе им е добро познато колку брзиот старт, го упропастува остатокот од трката, па ги советувам момците и девојките што ни се приклучуваат во тркачките води, да бидат мудри и да ја контролираат еуфоријата, за да можат освен во стартот да уживаат и во остатокот од трката.

Тања, ова прашање им го поставувам на сите соговорнички. Живееме во доста интересен, динамичен период за жените во светски рамки. Сѐ погласно се дискутира за сеуште мала засапеност на жените на работни функции во сите општествени структуру, помали можности за еднакво образовани, актуелни се движењата како Time’s Up и #MeToo на социјалните мрежи. Виз Ер Скопски маратон излезе со мала статистика за застапеност на македонките на маратонската дисциплина низ годините и не се завидни. Што мислиш, на што се должи ова? Дали сеуште жената во нашето општество е повеќе “домаќинка“ отколку активен двигател на општествените движења?

Да, жената во нашето општество е повеќе домаќинка, мајка и сопруга отколку активен двигател на општеството, но не поради немање можност за активно вклучување, туку заради менталната бариера и обесхрабрувањето од опкружувањето.
Но, од друга страна ги имаме сјајните примери кои оставиле трага во историјата на женското маратонско трчање, кога не било дозволено учество на жените во маратон – Стамата Ревити (Олимпијадата во Атина, 1896 година), Мари-Луиз Ледру (Париз, 1918 година), Виолет Пирси (Лондон, 1926 година), па се до добро познатата Катрин Свицер (Бостон маратон, 1967 година).
Според мене, од вклучувањето на женскиот маратон во Летните олимписки игри во 1984 (Лос Анџелес), ние ги уживаме истите права со мажите на ова поле, па на нас останува да го зграпчиме она за што веќе се избориле.

Совет за мажите во поддршка на жените за да ги мотивираат да трчаат и учествуваат и во маратонската трка. Колку е важно тоа? Колку е важно ние жените да се поддржуваме повеќе?

Верувам, дека мажите кои веруваат или знаат дека жените се способни да ги совладаат и најдолгите дистанци, дека веќе го прават тоа доста добро. На останатите им препорачувам подобро да се информираат и отворено да ги охрабруваат жените околу нив да тренираат и храбро да застанат на стратната линија во освојување на маратонската медала.
Поддршката помеѓу жените може да биде, од споделување на искуства и давење совети при потешкотиите во тренажниот процес, па се до заеднички тренинзи. Но според мене, бројните истрчани маратони на секоја од нас е главниот пример и мотив за новите генерации девојки, кои ќе го прифатат предизвикот наречен маратон.

Интервјуира: Весна Кираџиева