Тркач на неделата – Елена Димитровска

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата

Елена Димитровска, (меѓу тркачите позната како Величко) е мајка на едногодишниот син Оливер, сопруга на маратонец, по професија економист во Комерцијална Банка АД Скопје.

Како успеваш да балансираш помеѓу сите овие секојдневни обврски? Многу брзо се врати на трчањето. Мајчинството е доста напорно, особено во првите месеци/години, кога се бебиња и им треба постојана грижа. Колку е важна улогата на вашиот сопруг и целото семејство?

Искрено кажано, во текот на бременоста, иако бев доста подвижна, сепак ми фалеше онаа дополнителна активност како трчањето, вежбањето пилатес, фитнес, аеробик. Сите оние кои се активни во било спорт можат да ја разберат онаа потреба и зависност од запаление на мускули :-). Така и јас едвај чекав да ја напуштам болницата и паралелно на моето бебе, да се посветам и на себеси. Сите натписи кои ги читав укажуваа на тоа дека со трчање после породување со царски рез треба да се почне после 6 месеци, меѓутоа јас не издржав толку :-). Уште после 4-тиот месец му се вратив на кејот. Првото трчање беше како желка, ама со секој тренинг брзината се зголемуваше постепено. Се запишав и на пилатес кај мојата Кате одPower House и мојата физичка форма веќе беше како во старите добри времиња ако не и подобра :-). Но, за да се има време за сево ова плус сите обврски што ги носи со себе малото бебе, секако дека неизбежна е поддршката од семејството, од мојот сопруг и посебно од едната и единствена баба Снеже. Кога се има взаемно разбирање за потребите и желбите, и за тоа дека сепак во животот не треба да се ускратуваме од тоа што не исполнува и прави среќни, многу е полесно да се организираат обврските и времето. Како што велат, ако мајката е среќна и исполнета, тогаш сите околу неа ја примаат таа нејзина енергија уште повеќе :-).

Колку е потребно за една девојка/жена да се подготви за маратон? Вие не сте професионалка, а со трчање и подготовка за маратон почнавте да се занимавате на 29 години. Уште еден доказ дека никогаш не е предоцна да се остварат некои цели во животот…

Моите почетоци со трчањето се од не толку далечната 2013-та година, кога за првпат се формира женската група за трчање “Трчаме Заедно” . Си реков ајде и ова да го пробам, да видам како е, колку можам да истрчам, колку брзо итн. Мојата прва трка беше на Gazi Baba XC Challenge 2013 каде што сум целосно несоодветно опремена за трчање, меѓутоа со гордост и сјај во очите дека сум успеала да истрчам цели 5км без да застанам :-). Потоа се редеа учества на кратки трки од по 5км, 10км па првиот полумаратон 21км на Скопски Маратон 2014, па потоа уште низа полумаратони во Македонија и во странство (Ниш, Нови Сад, Белград, Загреб, Љубљана,Солун, Виена, Будимпешта, Прага, Братислава). Сите овие поминати трки некако ме спремаа да го превземам наредниот чекор да истрчам цел маратон. Според мене нема некој временскиот рок кој е однапред дефиниран како потребен за да една девојка/жена се спреми за маратон. Кај мене тоа биле 3 години, кај некого пократко, едноставно тоа треба да се почувстува, и никогаш не е доцна.

Во 2016 го истрчавте својот прв маратон, токму на Виз Ер Скоспки маратон. Опишете ни го накратко тоа доживување преку вашето искуство, подготовки, чувството пред стартот, еуфорија, текот на трката, подршка на патека и покрај патеката, од публика…

По повеќето полумаратони истрчани надвор од државата, непоколеблива ми беше одлуката дека мојот прв маратон ќе го истрчам токму во мојот роден град Скопје. Вистински тест за издржливоста ми беа двата полумаратони во Прага и Братислава кои буквално беа ден за ден и кои без проблем ги истрчавме со мојот сопруг Александар :-). На денот на маратонот не можам да кажам дека немав некоја мала позитивна трема, меѓутоа екипата со која бевме договорени дека ќе го трчаме маратонот заедно до крај, моите драги пријатели Стевче, Радмила шерпас 1, Смиле, Димитри, Вики шерпас 2, Цаци, Грче,Саше и секако сопругот Александар 69-че, не ми даваше во ниеден момент да помислам дека нема да го завршам. На самиот старт кога поминав под онаа метална конструкција со дигиталниот саат кој одбројуваше, само му реков во себе, биди така, ќе поминам тука пак на финишот :-). Првите 21км поминаа одлично, се разминувавме со сите тркачи, се поздравуваме, се смеевме на секој изминат километар “уште 33, уште 32 :-)”,и после дојде редот да го почнеме вториот круг. Цела Илинденска само за нас, јас, сопругот Александар, Стевче и Радмила на точак, штама од двете страни, само нашите сенки на асфалтот :-). Публиката не беше на завидно ниво, но сепак некој ќе не препознаеше, ќе не поздравеше колку да ни даде елан плус. Километрите се редеа, нозете отежнуваа, ама возот не застануваше. Цело време се пресретнувавме со другата екипа, Смиле, Цаци и Грче и си дишевме во врат :-)Пред финишот, како и што се договоривме, сите се чекавме и заедно ја поминавме целта. Емоции еден тон, солзи во очите, гордост до небо, успеав јас, успеавме сите заедно, не ни беше битно времето, битно ни беше дека ќе имаме уште еден заеднички момент во животот на кој ќе се сеќаваме во иднина.

Што би ги советувале момците и девојките кои допрва почнуваат да се занимаваат со трчање и кои можеби годинава прв пат ќе се пробаат на (полу)маратон, од ваше искуство, на што да внимаваат, кои грешки да ги избегнат?

Тие што почнуваат да се занимаваат со трчање, би ги советувала што почесто да го прават тоа :-). Да имаат сепак соодветни патики за трчање, а за останото не мора многу да се замараат да е по последна мода, само да им е удобно во тоа што го носат. На почеток да не се разочаруваат од тоа колку и како можат да истрчаат, туку да имаат некој континуитет во тренинзите и ќе се изненадат за колку кратко време телото ќе се навикне и позитивно ќе им врати со својата издржливост и сила. Да не се оптоваруваат со гармини, мерење на време, пејсови, споредби со другите, едноставно да се натпреваруваат самите со себе. Ќе увидат, како и јас, колку трчањето е една ментална медитација, едно дружење самиот со себеси, но и со сите ликови и нешта во нашата глава :-), значи никогаш досадно, и секогаш исполнувачки на крајот.

А за тие што за прв пат ќе се пробаат на полу или цел маратон би им дала неколку совети од лично искуство. Пред трката да не пробуваат нешто ново на што до тогаш се немаат навикнато, како на пример нова исхрана, нови патики, нова облека, ново енергетско гелче, нови слушалки за музика итн. Да бидат генерално спремни за тој предизвик, со претходни тренинзи, доволно долги long run-и како тест, затоа што секој полу/маратон  иако знаеме дека ќе ги исцрпи нашите физички капацитети, сепак не треба да биде на раб на колапс и агонија :-). И на крај, најважното од се, уживајте. Уживајте во сите поздрави од вашата публика, уживајте во насмеаните лица на волонтерите, уживајте во кратките поздрави со тркачите што Ве одминуваат, уживајте во секој километар, не ги бројте, ако веќе го имате поминато стартот, финишот е неизбежен 🙂

Елена, ова е доста интересен, динамичен период за жените во светски рамки. Сѐ погласно се дискутира за сеуште мала застапеност на жените на работни функции во сите општествени структури, помали можности за еднакво образование, актуелни се движењата како ’Time’s Up’ и ’#MeToo’ на социјалните мрежи. Виз Ер Скопски маратон излезе со мала статистика за застапеност на Македонките на маратонската дисциплина низ годините и не се завидни. Што мислиш, на што се должи ова? Дали сеуште жената во нашето општество е повеќе “домаќинка“ отколку активен двигател на општествените движења?

Повеќе од сигурно податоците од Виз Ер Скопски Маратон говорат за тоа дека жените се многу малку присутни во маратонското трчање во споредба со мажите и во споредба со останатите дистанци како полумаратонот и трката на 5 километри. Сметам дека тоа се должи на повеќе фактори.

Жената кај нас сеуште се смета дека по вокација треба да биде “домаќинка” со сите обврски кои ги носи домот, немајќи време за било какво хоби – спортска активност, или доколку го имала сега тоа треба да се промени. Меѓутоа, новите генерација на жени, сопруги, млади мајки повеќе но сигурно го менуваат овој став. Веќе и да нема женска особа која не практикува некоја спортска активност, или мајки кои сепак успеваат да го изменаџираат своето слободно време и да најдат време за себе.

Исто така, сведок сум на моментот дека сите девојчиња почнуваат со припреми кога времето ќе затопли, а тоа е месец дена пред Скопски што е многу мал период да се спремиш за полу, а да не збориме за цел маратон. Како да им недостига храброст или можеби друштво за тоа да го прават и кога временските услови не се секогаш онакви какви што ги посакуваме.

И очигледно е дека женскиот свет кај нас е некако исплашен од тие фамозни 42км, како нешто што е недостижно и повеќе сметаат дека за тоа треба да си професионалец и дека со аматерско рекреативно трчање тешко се постигнува. Затоа сме тука ние со нашите приказни да им покажеме на останатите жени дека сите до една можат да истрчаат маратон. И се надевам дека во иднина оваа бројка на женски учеснички на маратон ќе биде трицифрена 🙂

Совет за мажите во поддршка на жените за да ги мотивираат да трчаат и учествуваат и во маратонската трка. Колку е важно тоа? Колку е важно ние жените да се подржуваме повеќе?

Секако дека е важна поддршката од мажите и не само од нив туку и од целото опкружување. Мажите како посилен пол треба да ги мотивираат жените дека рамо до рамо можат без проблем да ги совладаат тие фамозни маратонски километри, да ги придружуваат на тренинзите, да им даваат корисни совети од нивно искуство, да им овозможат доволно слободно време за трчање превземајќи дел од нивните обврски, и на крајот да се радуваат и гордеат со нив на финишот . А за жените, нормално е да се поддржуваме ние самите повеќе од вообичаено, давајќи јасна порака дека се е остварливо и достижно.

Интервјуира: Весна Кираџиева