Тркач на неделата – Александар Димитровски

Categories: Тркач на неделата

#ТркачНаНеделата


aleksandar-text

1 Што сте по професија и дали некогаш во животот сте се занимавале со спорт?

По професија сум дипломиран електроинженер и веќе 9 години работам во приватна компанија за проеткирање во областа на Енергетиката.
Со спорт претходно се немав занимавано ниту активно ниту рекреативно.

2 Кога и како ви дојде идејата да трчате на Виз Ер Скопски маратон? Ве инспирираше некој, која е вашата приказна?

Идејата да трчам на Скопски маратон ми дојде сосема случајно во 2011 година на свои полни 32 години. После извесен „турбулентен“ период од животот, летото 2011 решив да облечам патики и да трчам на кеј. Го паметам погледот на мајка ми кога и реков каде одам и што ќе правам. Беше во стилот „што се занесуваш“, нема да издржиш долго.
Својата прва трка во животот на 5 км ја истрчав точно еден месец пред Скопскиот маратон и со оглед на постигнатото време на самата трка се одлучив да се пријавам на Полумаратонската трка на Скопски. Во тој период не знаев ништо по однос на трчањето. Едноставно си реков себеси дека ќе го завршам полумаратонот.

Трчањето како такво од тој почеток па до денес ми претставува начин да го менаџирам секојдневниот стрес, а успеа да прерасне и во зависност без која едноставно не се може.

3 Кое беше вашето прво учество на Виз Ер Скопски маратон, на која трка и колку време се подготвувавте?

Како што напоменав првото учество на Виз Ер Скопски маратон беше во 2012 година на полумаратонската трка. Подготовките траеа неколку месеци со нередовно трчање (2-3 пати неделно), без специјална програма и соодветни патики за трчање.

Оваа година ќе биде моја јубилејна 5-та трка на Скопски. До сега имам учествувано на 3 полумаратони и маратон минатата година.

4 Бевте ли задоволна од вашиот резултат, и дали потоа продолживте да трчате?

Иако претходно никогаш немав истрчано полумаратон некој таргет резултат ми беше да ја истрчам трката под 2 часа. Не знаев што треба да направам за да го имам тој резултат едноставно си го поставив како цел. Без спацијални исхрани, гелови или пак соодветни патики за трчање, не знам како, но успеав да финиширам со резултат 1:59:57. Се што ми е останато во меморија е дека после 10-от километар започнав со комбинирано одење и трчање до самиот финиш. Паметам последниот километар го поминав со тркач кој што исто така беше во криза и заедно финиширавме под Триумфалната капија.

По Скопски со поголеми и пократки паузи продолжив со рекреативното трчање и во наредниот период, за да од 2014 година постојано сум дел од трките и до денес имам истрчано преку 25 полумаратони и 2 маратони во земјата и во странство.

Поважно од се е дека трчањето успеа и да ме спои со сопругата која што исто така е (полу)маратонка и која што секогаш има разбирање кога ќе излезам да истрчам некој километар. Впрочем и самото запросување се случи по финиширање на една трка.

ekipa-web-aleksandar

5 Како се подготвувате за предстојниот Виз Ер Скопски маратон и на која трка ќе учествувате?

Со оглед на тоа што минатата година по Скопскиот маратон следеше организација на свадба, еден период апстинирав со трчањето. За престојниот Виз Ер Скопски маратон се подготвувам веќе неполни 3 месеци за полумаратонската трка онолку колку што дозволуваат семејните обврски и подготовките за принова во семејството, како и се разбира работните обврски.

Скопски секогаш имал и ќе има посебно место на мојот тркачки календар и можноста да го гледаш како од година во година прераснува во европски организирана трка секогаш претставува мотив повеќе.

6 Кои се вашите планови во иднина во врска со трчањето?

Едноставно планирам да продолжам рекреативно да се бавам со трчањето без некаков притисок за резултати и слично додека можам. Едноставно да уживам во трчањето и во самите трки.

Среќен сум што и мојот 7 годишен син има можност уште од мали години да биде дел од трките на кои што учествувам па можеби еден ден ќе добие желба и тој да биде дел од маратонското трчање.

krste-navivac

Пресреќен сум што трчањето ме спои со луѓе истомисленици и целата “екипа” ми претставува мотив за да продолжам со трчањето. Тука се секогаш и фамилијата Кираџиеви како пионери во Маратонското трчање чија што поддршка многу ми значи особено во периоди кога не сум активен.

7 Што би им порачале на оние кои никогаш не трчале или се двоумат дали да почнат да трчаат и да учествуваат на Виз Ер Скопски маратон?

Доколку сеуште не се пријавиле, да се пријават на некоја од четирите трки. На денот на трката едноставно да ги остават часовниците и слушалките за музика дома, да ја осетат енергијата која што ја нуди Виз Ер Скопски маратон и да уживаат во секој истрчан метар од трката.

И на крајот порака и до публиката и фото репортерите да останат покрај патеката и после четвртиот час кога маратонците ја финишираат својата трка бидејќи на нив поддршката им е најпотребна.

Во секое добро се гледаме на стартот и покрај патеката на 07.05.2017

to Top

[raw]